Журка пред Широки: Прво ќе се забавуваме, па заедно ќе навиваме!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва, против Широки (21 часот), ќе бијат битка за пласман во финалето од завршницата во НЛБ АБА2 лигата, која се организира во општина Аеродром, за што ќе им биде потребна огромна помош од трибините буквално од сите наши навивачи, симпатизери, но и од спортските вљубеници кои сакаат следната сезона да гледаат врвна кошарка во „Јане Сандански“.

Билетите се веќе во продажба преку МК Тикетс и неговата продажна мрежа, а ќе може да се обезбедат и во билетарата пред спортскиот центар сѐ до почетокот на дуелот. А, како своевидно загревање, се потрудивме да организираме голема журка пред пресметката со Широки, на платото пред салата „Јане Сандански“.

За доброто расположение ќе бидат задолжени момците од „Игуана Бенд“, а почетокот на забавата е во 19 часот. Затоа, дојдете да се освежиме и да се забавуваме пред значајниот меч на нашите плаво-бели, за потоа сите заедно да навиваме со надеж дека и ќе се радуваме на нивниот евентуален успех остварен со ваша помош.

Пласман во АБА1 ќе обезбеди победникот на завршницата во македонската престолнина, додека финалистот ќе игра бараж со претпоследниот во елитата.