Пораз на гостувањето во Германија!
Нашите кошаркари дадоа сѐ од себе на првото овосезонско гостување во ФИБА Европа купот, но за жал, не успеаја да направат изненадување. Во една исцрпувачка битка, МЗТ Скопје Аеродром претрпе пораз од квалитетниот германски состав Вурцбург со 73-87.
Нашите момци одлично го отворија натпреварот и покажаа дека имаат квалитет за европската сцена. Бевме целосно рамноправен противник во првите 15-тина минути од средбата, а во еден момент имавме и одлично водство од пет поени разлика (21-16). Сепак, како што одминуваше времето, поголемото искуство за вакви меѓународни пресметки и подолгата клупа за ротација се покажаа како решавачки фактори во корист на домаќинот, кој успеа да го преземе водството и да го задржи до самиот крај.
Во нашите редови, најефикасен на паркетот беше Ноа Фарахан кој натпреварот го заврши со 14 поени и 4 скока. Одличен настап под кошевите имаше Андреј Маслинко со 12 поени и 7 скока, додека својот квалитет го потврдија и Тадија Тадиќ (10 поени, 3 скока, 5 асистенции) и Димитрије Николиќ кој беше на прагот на „дабл-дабл“ учинок (10 поени, 8 скока, 4 асистенции).
Пораз од кој извлекуваме поуки, но нема време за тагување ниту за одмор! Пеколниот распоред продолжува, бидејќи веќе в сабота (24 октомври) нѐ очекува нов голем предизвик – гостување кај екипата на Сутјеска на стартот од новата сезона во АБА 2 лигата!
Веднаш по враќањето од тој меч, нашиот тим го очекува нов европски спектакл пред домашната публика. Идниот вторник, во „Јане Сандански“ го пречекуваме кипарски АЕК Ларнака.