Десеттата титула ќе ја бркаме со логото со кое ја освоивме – првата!

Би сакале да ги известиме нашите навивачи и симпатизери, но и целата македонската спортска јавност дека кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром од следната сезона ќе носат опрема на која повторно ќе стои логото во кое доминира нашиот заштитен знак – Штркот.

Ова, секако, не значи повлекување или укинување на сегашниот амблем, промовиран пред четири години, туку желба за поголемо поврзување со сино-белата историја и традиција, особено што пред нас е сезона во која ќе ја бркаме јубилејната десетта титула. Сакаме деценискиот круг да го финишираме со логото со кое истиот го почнавме во 2012 година.

Воедно, во иднина ќе ги користиме и сите останати заштитни знаци кои нашиот клуб ги имал од основањето во 1966 година до денеска. Ова е со цел на сегашните генерации кошаркари од младинскиот до сениорскиот погон, но и на фановите на трибините да им се презентира богатото минато на гордоста на Аеродром, која полека, но сигурно ја финишира петтата деценија од раѓањето.

За таа цел, во периодот кој следува ќе се обидеме на посебен начин на потсетиме на секое лого или дизајн на дрес посебно, почнувајќи од првото од пред веќе 56 години, па до ова последното од 2018 година и тоа на посебни делови од опремата, на специјално дизајнирани маици или со приказни за нивното настанување и за периодот во кој биле актуелни, работи кои потоа би биле достапни и за пошироката јавност.