Дипломати од Словенија, БиХ и Црна Гора ги бодреа своите екипи во Скопје (ФОТО)

Вчерашните пресметки во „Јане Сандански“ од четвртфиналето од НЛБ АБА2 лигата не беа предизвик само за кошаркарските и спортски вљубеници во државата, туку и за претставниците на дипломатскиот кор од најголем дел од земјите кои имаа претставници на завршниот турнир, а кои претходно беа поканети од управата на МЗТ Скопје Аеродром да присуствуваат на овој спектакл.

На средбата помеѓу Борац Бања Лука и Младост Земун присутните беа луѓе од амбасадата на БиХ во Скопје, меѓу кои и амбасадорот Драган Јаќимовиќ. На следниот дуел помеѓу Хелиос и Златибор крај теренот можеа да се видат највисоки дипломати на амбасадата на Словенија во Скопје, предводени од амбасадорот Милан Предан и неговата сопруга Дарка Звонар Предан.

Сведоци на прекрасната атмосфера на дуелот помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Сутјеска беа преставници на амбасадата на Црна Гора во македонската престолнина, меѓу кои беше заменичката на амбасадорката на оваа држава во Скопје, Ивана Шикмановиќ со нејзиниот син Алекса.

Од трите амбасади на крајот на натпреварите се заблагодарија на поканите и на вниманието кое го добија од луѓето од нашиот клуб. Најдалеку отидоа Словенците, кои и покрај болката за поразот на нивниот Хелиос, најавија дека во продолжение на турнирот ќе навиваат за МЗТ Скопје Аеродром, со надеж дека ќе се врати во АБА1-лигата каде што ќе има прекрасни пресметки со нивниот претставник, Цедевита Олимпија.

ФОТО: Драгана Стјепановиќ (АБА лига)