МЗТ Скопје по четири години се врати во АБА-лигата!

МЗТ Скопје Аеродром по четири години пауза пак ќе игра во јадранската елита. Нашите момци вечерва, по голема борба, го совладаа Широки (75-71) и се пласираа во финалето од завршниот турнир во НЛБ АБА2 лигата, каде што в недела ќе ги одмерат силите со Златибор (19 часот). Но, според пропозициите, противникот нема право на директен пласман поради максималниот број екипи од Србија, што значи дека веќе ја остваривме целта, а тоа е повторно играње со Ц. Звезда, Партизан, Будуќност, Цедевита Олимпија…

Дамјан Стојановски со 17 поени беше најефикасен, од кои половина постигна во решавачките моменти од последната четвртина. Зад него беа Хуан Дејвис со 14 поени и Роберт Рикиќ со 10 поени и седум скока. Но, тоа се само најголемите бројки, бидејќи за пофалба се сите во нашиот тим, од првиот до последниот во ростерот, стручниот штаб и лекарскиот тим, бидејќи сите го оставија срцето на терен.

Вечерва ќе славиме влез во АБА1, но тоа нема да нѐ спречи в недела да сториме сѐ настапот во НЛБ АБА2 лигата да го завршиме и со златни медали околу вратот и победнички пехар во нашите витрини.

ФОТО: Драгана Стјепановиќ