Забрана за навивачки групи за вечното дерби во Битола!

Нема зборови со кои можеме да ја опишеме нашата разочараност кога утринава го прочитавме мејлот испратен од организаторот на завршниот турнир од Купот на Македонија, кој на помалку од десетина часа пред нашата полуфинална пресметка против Работнички (17 часот) нѐ известува дека забранува присуство на организирани навивачки групи.

Оваа „казна“ се однесува и на двете скопски екипи, чија пресметка се чека со нетрпение од сите кошаркарски вљубеници во државата, а која според сите треба да биде феноменален вовед пред саботното големо финале за првиот трофеј во сезоната. Апсолутно не ни е јасно како може некој да сака празна сала со стотина „залутани“ на трибините, каква што беше сликата на вчерашните четврт-финални пресметки на средбите на кои не играше домаќинот, наместо спектакуларна атмосфера како што знаат да направат само навивачките групи на вечните ривали.

МЗТ Скопје Аеродром денеска по 26-ти пат ќе игра во полуфиналето од Купот на Македонија, што значи дека имаме акумулирано искуство не само на теренот туку и на организациски план. Поради тоа, со сигурност може да кажеме дека ова е преседан каков што досега не е виден, бидејќи куп-завршници и во минатото се играле надвор од главниот град, па никаде не е преземена ваква непопуларна мерка, која е надвор од секоја спортска, па и човечка логика. Изминатите часови на секаков начин и со секакви гаранции се обидовме да го смениме мислењето на луѓето од Пелистер, но, за жал, не успеавме во тоа.

Затоа сакавме да ја информираме македонската јавност за сите задкулисни игри кои се случуваат од доцна синоќа, а кои кулминираа утринава, со цел да не биде шокирана кога вечерва ќе види (полу)празна сала во Битола, иако на теренот ќе играат најдобрите екипи во историјата на македонската кошарка, кои заедно имаат 21 куп-трофеј во своите витрини. Кошарката се игра за публиката, таа секаде се негува и ѝ се овозможува да ужива во мајсториите на паркетот, но и да ги бодри своите миленици. Секако според сите правила и закони, што не е спорно ниту во барањето за присуство на нашите фанови денеска во салата „Боро Чурлевски“.

Но, денеска за такво нешто и ние и Работнички добивме забрана од организаторот.