Втора победа по ред во Аеродром – пред сино-белите падна и ФМП!

Со големо срце и фантастична борбеност и енергија во сите 40 минути, нашите момци вечерва го совладаа ФМП (87-82) со што дојдоа до четвртата победа сезонава во АБА-лигата, која и тоа како ни ги зголемува шансите во борбата за опстанок во јадранската елита.

Клучна за триумфот беше третата четвртина, односно нејзиниот финиш во кој со серија 11-2 дојдовме до највисоките на мечот плус девет (65-56). Противникот брзо се врати и со седум поени по ред намали само на минус два (63-65), но тоа донесе дополнителен мотив кај избраниците на тренерот Драган Николиќ.

Со агресивна одбрана и смирена игра во нападот не само што ја задржавме предноста, туку и ја вративме најголемата позитива (84-75) на две минути до крајот, како најава за ерупцијата од одушевување во салата.

Мајк Кафи со 26 поени и шест асистенции беше убедливо најдобриот кај македонскиот шампион, додека зад него беа Дастин Вер со 13 и Бојан Крстевски со 10 поени. Дамјан Стојановски средбата ја заврши со девет поени, а Александар Бурсаќ со осум поени и шест скока.

МЗТ Скопје сега има скор 4-16, односно го стигна Борац Чачак по бројот победи, со тоа што српскиот тим има еден меч помалку, понеделничкиот на домашен терен против Студентски центар. Следен предизвик за аеродромци е гостувањето кај Мега МИС закажано за на 12 март.