Преку Феникс до 11-иот пехар – сега сме најтрофејни во Купот!

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром е најтрофејна во историјата на Купот на Македонија, откако со вечерашната победа во финалето против Феникс (89-73) дојде до 11-иот пехар, со што се искачивме на врвот на вечната листа победници со еден успех повеќе од вечниот ривал Работнички.

Нашите момци апсолутно заслужено дојдоа до славје во годинешното издание од завршниот турнир, кој се играше во салата „Кале“. Избраниците на тренерот Драган Николиќ фуриозно го почнаа мечот, брзо дојдоа до двоцифрена предност, а во првата четвртина имаа и плус 17 (25-8), со што го најавија крајниот епилог. Сино-белите до крајот умешно го чуваа водството, одбивајќи го секој напад на мотивираниот противник. Забивањето на ултра-атрактивниот Абдул-Малик Аби за 80-66 на пет минути до крајот беше знак за палење факели кај нашите навивачи како знак за куп-трофејот, кој веќе беше печатиран.

Страхиња Миќовиќ со 20 поени и седум скока беше прво име во составот на новиот куп-победник, а веднаш зад него беше Војдан Стојановски со 16 поени и осум скока. За одбележување е и настапот на Дастин Вер со 13 поени и осум асистенции. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Мајк Кефи и Дамјан Стојановски со по 11 поени, како и Абу со 10 поени.

Ова воедно е и комплетирање на првиот дубл во историјата на макбаскетот на еден ист клуб во Купот на Македонија, откако ЖКК МЗТ Скопје го освои пехарот и во женска конкуренција.