Рутински до бодовите во Струмица!

Без никакви проблеми и со калкулирање со силите, кошаркарите на МЗТ Скопје рутински дојдоа до бодовите на вечерашното гостување кај Струмица (88-63) во последниот меч од 16. коло од Првата лига, со кои се вратија на првото место на табелата.

Аеродромци играа во „трета брзина“, правилно распределувајќи ја минутажата со цел да не дојде до премор кај клучните играчи. Тоа донесе релативно изедначено прво полувреме (46-39), додека гостите клучната предност ја обезбедија во третиот период, кој го добија со 20-10. Најрасположен за надигрување кај „металците“ беше Кеандре Кук, кој средбата ја заврши со 29 поени и девет скока, додека двоцифрен беше уште и Бојан Крстевски со 14 поени.

МЗТ Скопје сега одново е лидер на прволигашкиот карван со учинок 14-2. Наш следен предизвик е пресметката со Мега МИС од АБА-лигата, закажана за в недела во Белград со почеток во 12 часот.