Војдан: Дојдете во што поголем број заедно да го победиме Широки!

Војдан Стојановски и сезонава е еден од главните мотори во играта на МЗТ Скопје, движечка сила во речиси сите напади, но и агресивен како пума кога се наоѓа во одбрана, покажувајќи им и на речиси двојно помладите како треба да се носи дресот на клубот за кој настапуваат.

Ветеранот, како и секогаш е оптимист во пресрет на утрешниот дуел против Широки (20 часот), прв од четврт-финалето од плејофот во АБА2, со напомена дека нему и на неговите соиграчи ќе им биде многу полесно да дојдат до целта ако ја имаат поддршката од до крај исполнетите трибини во „Јане Сандански“.

Плејофот е посебно натпреварување во кое сѐ е можно. Добро го познаваме тимот на Широки. Знаеме дека треба да играме цврсто и агресивно во двата правци од теренот. Ако го сториме тоа и заедно со големата поддршка од нашите верни навивачи, која сигурен сум дека нема да изостане, тогаш може да се надеваме на триумф. Дојдете заедно да го победиме силниот противник“, вели еден од браќата Стојановски.

Плејофот во АБА2 се игра во две средби на вкупен кош-количник, поради што е исклучително важно за МЗТ Скопје не само да дојде до победа туку и таа да биде изразена со што е можно поголема разлика. Влезот за утрешниот дуел е – БЕСПЛАТЕН.