Атанасов: Сите дојдете во сала – само заедно можеме до посакуваната цел!

Нашите момци вечерва го почнуваат настапот во плејофот од АБА2 со првиот четврт-финален дуел на домашен терен против Широки (20 часот), во кој освен победа ќе бркаме и поголема разлика со оглед што се игра во два натпревари на подобар кош-количник.

Тренерот Васко Атанасов е свесен за силината на ривалот, како и за фактот што само заедно и сплотени со илјадниците наши навивачи можеме да дојдеме до посакуваната цел.

„Пред нас е тежок меч против силен противникот, кој ни е должник по поразот во последното коло од регуларниот дел. Ова е сосема поинаков дуел, подготвени сме за предизвикот, а ќе ја имаме и помошта од нашите верни навивачи, кои верувам дека во голем број ќе се најдат на трибините. А, кога салата е исполнета до крај, на ниту еден противник не му е лесно во Аеродром, бидејќи во такви услови секогаш играме далеку подобро од моменталните можности. Верувам во моите кошаркари и очекувам натпревар во кој ќе дојдеме до посакуваната цел“, вели Атанасов.

Реванш-дуелот против босанскиот претставник ќе го одиграме следната среда во Широки Бријег.