Атанасов: Со победа да го почнеме најважниот дел од сезоната за МЗТ!

Нашите момци денеска (петок) го почнуваат доигрувањето во домашното првенство и тоа со дуелот на домашен терен против Гостивар (19 часот). Во пресрет на овој дуел, своите размислувања ги сподели тренерот на плаво-белата чета, Васко Атанасов.

Вечерва за нас почнува најважниот дел од сезоната, како на домашна така и на регионална сцена. Гостивар можеби влегува од осмата позиција, но е екипа која заслужува респект и која никако не смее да се потцени, за што доказ се трите победи по ред со ја осигураа оваа позиција на табелата. Квалитетот е на нашата страна, ја прифаќаме улогата на фаворит и ќе сториме сѐ за да го докажеме тоа на теренот. Пред нас е период во кој ќе играме тешки средби на секои три дена во домашното првенство и во плејофот од АБА2, поради што ќе пробаме да дојдеме до максимален ефект со минимално трошење енергија. Секако, колку и ако воопшто е можно нешто такво во пресметки со квалитетни екипи предводени од искусни тренери“, изјави Атанасов.

Поддршка од трибините и тоа како ќе ни биде потребна и тоа не само вечерва туку и на секој следен домашен натпревар до крајот на сезоната, поради што ги повикуваме сите наши навивачи и симпатизери да дојдат во „Јане Сандански“ и да ни помогнат да ја оствариме целта. А, тоа дефинитивно е одбрана на шампионската титула и напад на едно од местата кои овозможуваат надеж за враќање во јадранската елита.