Важна победа во Аеродром – МЗТ останува во трка за плејоф за АБА2!
Кошаркарите на МЗТ Скопје забележаа исклучително важна победа на домашен терен против Подгорица (67-54), со што „сино-белите“ остануваат во трка за место во плејофот во пресрет на последното коло од групната фаза во АБА2.
Од самиот почеток МЗТ го наметна својот ритам на игра и постепено ја градеше предноста, која беше сигурна уште на полувремето. Клучниот период беше третата четвртина, во која домашниот тим стигна и до највисоки +22 (54-32), по што беше јасно во кој правец ќе се движи натпреварот. До крајот, избраниците на тренерот рутински ја задржаа предноста за конечна победа од 67-54.
Најефикасен во редовите на МЗТ беше Душан Танасковиќ со дабл-дабл учинок од 14 поени и 13 скока. Војдан Стојановски натпреварот го заврши со 13 поени и 6 асистенции, Илајџа Мекејден постигна 11 поени и додаде 8 скока, додека Марин Петков запиша 9 поени и 4 асистенции.
Последниот натпревар од регуларниот дел МЗТ Скопје ќе го одигра на почетокот на март на гостински терен кај Широки, во натпревар кој ќе биде решавачки за пласман во разигрувањето.