Рутинска победа за продолжување на победничката серија

Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат со сигурни настапи во суперлигашката конкуренција, откако на гостувањето кај Феникс славеа со 85-73 и ја запишаа новата победа во домашното првенство.

„Сино-белите“ во текот на целиот натпревар го контролираа резултатот и не му дозволија на противникот сериозно да ја загрози нивната предност. Со сигурна и искусна игра, МЗТ дојде до уште еден триумф со кој ја потврди одличната форма и лидерската позиција на табелата.

Најефикасен во редовите на МЗТ беше Мек Смит со 20 поени и 4 асистенции. Душан Танасковиќ натпреварот го заврши со 16 поени и 8 скока, Марин Петков додаде 14 поени и 5 асистенции, додека Хуан Дејвис оствари дабл-дабл учинок од 13 поени и 11 скока.

По оваа победа, МЗТ Скопје има скор од 12-1 во шампионатот, а во следниот период „металците“ ги очекуваат два натпревари на домашен терен, против Ангели и Гостивар, во кои ќе се обидат да ја продолжат победничката серија.