Сигурна победа во Маџари за успешен старт на втората фаза

Кошаркарите на МЗТ Скопје со сигурна победа на гостувањето кај КК Маџари ГБ (87-76) успешно ја отворија втората фаза од првенството, во која примарна цел останува одбраната на шампионската титула.

По израмнета игра во првата четвртина, „сино-белите“ уфрлија во повисока брзина во вториот период, кога со серија од 18-2 го презедоа водството и го наметнаа ритамот на натпреварот. До крајот на средбата, избраниците на тренерот рутински ја контролираа предноста и не му дозволија на противникот резултатски да се врати во натпреварот.

Одличен натпревар одигра Марин Петков, кој беше лидер на тимот со 26 поени, од кои дури пет тројки од седум обиди, а натпреварот го заврши и со 6 скока и 7 асистенции. Значајна поддршка имаше од Илајџа Мекејден со 13 поени, Душан Танасковиќ кој постигна 11 поени и запиша 9 скока, додека Војдан Стојановски и Чарлс Гил додадоа по 10 поени.

Следен предизвик за МЗТ Скопје ќе биде дуелот против Подгорица, кој ќе се одигра во среда во СЦ „Јане Сандански“, во рамки на претпоследното коло од регуларниот дел во АБА 2 лигата, натпревар кој може да биде од големо значење за пласманот во следната фаза.