Убедлива победа на домашен терен над Тиквеш!

МЗТ Скопје Аеродром на убедлив начин се врати на победничките патеки, откако вечерва во салата „Јане Сандански“ славеше против Тиквеш со 102-77 во натпревар од третото коло од Топ 6 фазата во Суперлигата.

„Сино-белите“ уште од самиот почеток ја презедоа контролата врз случувањата на паркетот и не му дозволија на противникот ниту во еден момент сериозно да се закани. По изедначениот старт, избраниците на стручниот штаб го засилија ритамот во втората четвртина, кога почнаа да ја градат двоцифрената предност, па на големиот одмор заминаа со сигурни 52-36.

Доминацијата на актуелниот шампион продолжи и по паузата. Аеродромци играа цврсто во одбраната, разиграно во нападот и од минута во минута ја зголемуваа разликата, која во еден момент достигна и максимални 38 поени (89-51). До крајот на средбата рутински ја сочуваа предноста и стигнаа до убедлива победа за скор од 21 триумф и четири порази сезонава.

Најзаслужен за победата беше Хуан Дејвис, кој оствари моќен дабл-дабл ефект со 22 поени и 13 скока. Одличен натпревар одигра и Душан Танасковиќ со 20 поени и девет скока, додека Мек Смит беше блиску до трипл-дабл учинок со 16 поени, осум скока и седум асистенции.

Меѓу најрасположените беше и Марин Петков, кој покрај 14-те поени запиша дури девет асистенции, а двоцифрен беше и капитенот Војдан Стојановски со 10 поени и четири успешни додавања.

Нов предизвик за МЗТ Скопје следува веќе во понеделник, кога во „Јане Сандански“ гостува Пелистер во уште едно дерби од Топ 6 фазата. Натпреварот е закажан за 20:30 часот.