Пораз од ТФТ во меч со драматичен финиш!
МЗТ Скопје Аеродром претрпе пораз на гостувањето кај ТФТ (91-93) во натпревар полн со возбудувања и пресврти, кој беше решен буквално во последната секунда со тројка на домашниот тим на само 0,8 секунди пред крајот.
Аеродромци одиграа уште еден тежок меч во период во кој се соочуваат со сериозни кадровски проблеми. Поради повреди, тимот до крајот на сезоната не може да смета на Андреј Магдевски, додека Илајџа Мекејден сѐ уште не е подготвен за враќање на теренот. Скратената ротација дополнително ја отежна задачата против агресивниот и мотивиран противник.
Во текот на целиот натпревар се водеше изедначена битка, а домаќините постојано вршеа притисок и играа со висок интензитет. И покрај тоа што „сино-белите“ успеваа да одговорат на предизвикот и да останат во игра за победа до самиот крај, конечниот епилог беше решен со шут од далечина на ТФТ во последните моменти од средбата.
Со овој пораз, МЗТ Скопје Аеродром останува со биланс од 20 победи и четири порази и ја задржува втората позиција на табелата во домашното првенство.
Нема многу време за анализа, бидејќи нов предизвик следува веќе во вторник (21 април), кога во салата „Јане Сандански“ ќе гостува екипата на Тиквеш. Целта е брзо враќање на победничките патеки и продолжување на борбата за врвот во пресрет на завршницата од регуларниот дел на сезоната.