Пораз дома од Пелистер, во плејофот од втората позиција!
МЗТ Скопје Аеродром претрпе пораз од Пелистер (74-85) во последниот домашен натпревар од регуларниот дел на сезоната, резултат кој и дефинитивно ја потврди втората позиција на табелата пред стартот на плејофот.
Аеродромци добро го отворија натпреварот и во воведните минути покажаа дека се подготвени за нов триумф пред своите навивачи. Сепак, како што одминуваше средбата, битолчани успеаја да наметнат силен ритам и постепено да ја преземат контролата врз играта.
Гостите беа поконстантни во текот на второто полувреме, ги искористија своите шанси и на крајот заслужено стигнаа до победата во пресметката на двата најдобри тима во досегашниот тек од шампионатот.
Без оглед на исходот, овој натпревар нема да има поголемо влијание врз позициите на табелата, бидејќи МЗТ Скопје и официјално ќе ја заврши регуларната сезона на второто место. Тоа значи дека токму Пелистер ќе биде противник на „сино-белите“ во полуфиналната серија од плејофот, која ќе се игра до две победи. Доколку биде потребен трет натпревар, решавачката „мајсторка“ ќе се игра во салата „Јане Сандански“.
Пред почетокот на доигрувањето, МЗТ Скопје го очекува уште еден натпревар од регуларниот дел. Во четврток, аеродромци ќе гостуваат кај Маџари во дуел кој е закажан за 16 часот, по што целосно ќе се насочат кон предизвиците што ги носи битката за шампионската титула.