Трофејот во Купот на Македонија ќе го браниме таму каде што и го освоивме!

Спортскиот рекреативен центар „Кале“ втора година по ред ќе биде домаќин на завршниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ (18-20 февруари), што значи дека трофејот во ова натпреварување ќе го браниме таму каде што лани и го освоивме.

МЗТ Скопје Аеродром во четвртфиналето ќе ги одмери силите со екипата на Гостивар, по што би не чекала полуфинална пресметка со победникот од дуелот помеѓу Работнички и Феникс. Во големото финале, секако ако ни се остварат замислите да дојдеме до него, би се нашле со најдобриот од спротивниот дел од ждрепката каде што силите прво ќе ги одмерат Пелистер и ТФТ односно Академија ФМП и Еуро Никел, а потоа и победниците од овие два натпревари.

Нашиот тим во СРЦ „Кале“ го брка 11. трофеј во Купот, со кој дефинитивно би се искачиле на првото место на вечната листа освојувачи, на која во моментов го делиме врвот со најголемиот ривал Работнички со по десет славја.