„Горска вода“ останува дел од победничкиот тим на МЗТ Скопје!

Компанијата „Кодинг“, која скоро две децении е еден од лидерите во производство и на дистрибуција на вода за пиење со својот беспрекорен производ „Горска вода“ и во следниот период останува дел од победничкиот спонзорски тим на МЗТ Скопје Аеродром.
Ниту кризните времиња, предизвикани од глобалната пандемија со коронавирусот, не ги променија размислувањата на челните луѓе на оваа фирма во делот на општествената одговорност, пред сѐ на грижата за човековото здравје, поттикнувањето активен живот и поддршката на врвниот спорт. МЗТ Скопје Аеродром има чест да биде дел од спортските колективи чии членови својата енергија ја црпат токму од производите на „Кодинг“, односно силата ја добиваат со користење на палетата производи од „Горска вода“. Нектарот, кој доаѓа од изворите во близина на селото Конопиште и сезонава, како во тие претходно, ќе биде еден од клучните фактори за остварување големи победи и освојување трофеи, како и за достојна презентација на клубот и на македонската кошарка на меѓународна сцена.

Компанијата „Кодинг“ е основана во 1987 година во секторот градежништво, од 2004 започна со изградба на фабрика за вода и сокови, а веќе следната и со производство и дистрибуција на Горска вода. Како компанија која го има имплементирано квалитетното корпоративно управување, „Кодинг“ е една од најуспешните компании во Македонија водена од едуциран и инвентивен кадар со јасна визија за иднината.
Се надеваме дека нашата заедничка успешна приказна со „Кодинг“, односно со Горска вода, ќе биде и мотив повеќе за останатите општествено-одговорни компании кај нас да станат дел од нашиот победнички тим и да ни помогнат достојно да ја претставуваме Македонија како во регионот така и на европска сцена, како и да ја продолжиме доминацијата на домашна сцена која трае цела деценија.