Тишина е потребна: Перо Блажевски се врати во МЗТ Скопје!

Човекот кој го урна големиот Реал Мадрид, Перо Блажевски, со двете прецизно изведени слободни фрлања во последните секунди, се враќа дома и тоа како тренер на МЗТ Скопје УНИ Банка, нашиот втор прволигаш каде што се калат најголемите таленти од кои потоа бенефит ќе нема само клубот туку и македонската кошарка во целост.
Точно по четврт век од најголемата победа во клупската историја на макбаскетот, тивкото момче со снајпер наместо раце се враќа на местото на својот најголем успех. Блажевски првпат ќе добие шанса како прв тренер да предводи прволигашка екипа и тоа составена од перспективни кошаркари, на кои сме сигурни дека ќе им пренесе дел од своето огромно искуство и победнички менталитет.
Најголем дел од нив не биле ниту родени кога „тишина беше потребна“ во популарната „Лименка“, каде што се случи вулканска ерупција кога топката упатена од неговите златни раце двапати по ред мина низ мрежичката, но растеле со видео-снимките од неговите безвременски поени. За МЗТ Скопје УНИ Банка ова ќе биде трета прволигашка сезона, во која ќе биде продолжен трендот за давање шанса на најдоброто со што разполага нашиот младински погон
Блажевски доаѓа на местото на Борче Даскаловски, кому управата на клубот му понуди подобри услови од минатата година, но тој реши да одбие и да си замине, поради што му се заблагодаруваме на вложениот труд и му посакуваме среќа во понатамошната кариера.