Грнчаров: МЗТ ќе подмладува, време е талентите да блеснат на голема сцена!

Со освоените титула во првенствот и трофеј во Купот на Македонија, како и обезбедениот опстанок во елитата со младинскиот тим, слободно може да се каже дека зад МЗТ Скопје Аеродром е сезона за паметење, која сигурно ќе влезе меѓу најуспешните во клупската историја, барем што се однесува до домашната сцена.

Тоа, сепак, нема да донесе опуштање кај управата, која веќе размислува за следниот период, односно за сезоната која претстои, а во која треба да се поставуваат нови стандарди. Еден од главните приоритети ќе биде подмладување на тимот, односно давање шанса на талентите кои изминатиов период повеќе од успешно го носеа дресот МЗТ Скопје Уни Банка.

„Нема што да се каже друго освен дека е време нашите таленти да блеснат на голема сцена. Време е најдобрите од нашиот младински состав да добијат шанса во првиот тим, да го покажат и докажат својот квалитет во битките за највисок дострел. Планираме повлекување на неколкумина од вториот тим, за кои сметаме дека се доволно зрели и дека имаат доволен потенцијал за да дадат свој придонес во новиот обид да се освојат двете домашни круни. Со тоа само ќе ја потврдиме исправноста на нашата досегашна стратегија, за давање шанса на младите во Првата лига, со што бенефит нема само МЗТ Скопје Аеродром, туку и македонска кошарка во целост“, вели Тони Грнчаров, извршниот директор на МЗТ Скопје Аеродром.

Нормално, кај првите луѓе на клубот постои голема радост од освоената двојна круна, но и мала горчина поради полошиот од планираниот резултат во АБА2-лигата.

„Секако дека сме пресреќни за успехот остварен сезонава, но со нетрпение ја чекаме следната за да видиме како нашите деца ќе станат мажи настапувајќи на највисока сцена, во дресот на најдобриот македонски клуб во последната деценија. Секако, можевме подобро во АБА2-лигата, но еднокружниот систем, напорот што доаѓаше со играњето турнирски, корона кризата, но и очигледното форсирање други екипи, беа причините за полошиот резултат, кој не нѐ разочарува, туку ни дава мотив за уште понапорна работа за да дојдеме до посакуваната цел и на регионална сцена“, дополнува Грнчаров

Славјето за одличната сезона е веќе завршено во „Јане Сандански“, каде што веќе почнува да се размислува за следниот период и за новите предизвици кои се пред клубот, а кои со нетрпение ги очекуваме. За сите нови информации поврзани со МЗТ Скопје Аеродром, јавноста ќе биде навремено информирана преку официјалните медиумски канали на клубот.