Остануваат Радуловиќ, Крстевски, Мекиќ, побогата понуда за Магдевски, потпишан и Робев!

Покрај Дамјан Стојановски, кој има уште една година од лани потпишаната обврска со нашиот клуб, управата на МЗТ Скопје Аеродром во изминатиов период работеше на обнова на договорите и со најзаслужните за освојување на двојната круна минатата сезона.

Нашата екипа и во иднина ќе биде предводена од Дарко Радуловиќ, кој успешно седна на клупата кон средината на март и го предводеше однесе тимот до посакуваниот успех, откако потпиша нов едногодишен договор со гордоста на Аеродром. Во екипата најмалку до крајот на следната сезона ќе бидат и Бојан Крстевски и Адем Мекиќ, кои исто така ја продолжија соработка. Потпис на двегодишна соработка со МЗТ Скопје стави и Дамјан Робев (24 год, 195 см), зад кого е одлична сезона во Куманово.

Меѓу првите со кои преговараше нашиот клуб е и плејмејкерот Андреј Магдевски, кој беше избран за МВП на финалната серија од плејофот и кој од нашата управа доби побогата понуда во однос на тоа што го имаше досега. Тој во моментов е на заслужен одмор, по што очекуваме да добиеме одговор од него со цел полека да го оформиме македонскиот дел од тимот со кој ќе ја браниме доминацијата во македонската кошарка.