ТФТ падна во Аеродром, првиот чекор кон ново финале – направен!

Првиот од двата потребни чекори на патот кон 16-иот настап во финалето од македонското првенство нашите кошаркари го направија вечерва, со триумфот во првиот меч од полуфиналната плејоф-серија против ТФТ (77-52), одигран на домашен терен, на кој имавме одлична поддршка од трибините.
Неизвесноста траеше само до половина од првата четвртина (11-11), по што почнавме полека резултатски да се одлепуваме, за највисоки плус девет (27-18) во првото полувреме, со кои му навестивме на противникот дека нема што да бара во Аеродром. Серијата 13-1 во третиот период ни донесе огромна предност од 17 поени (57-40), која потоа умешно ја одржавме до самиот крај. Немања Милошевиќ беше најефикасен во нашиот тим со 13 поени, постигнати без ниту едно промашување од поле (3/3 за 2п, 1/1 за 3п) и со осум скока, Хуан Дејвис реализира 12 поени, додека браќата Дамјан и Војдан Стојановски средбата ја завршија со по 10 поени. Ова беше десетта по ред победа за сино-белата чета на домашна сцена.
Првата шанса за пласман во финалето ќе ја имаме в недела, кога му гостуваме на ТФТ (20.30 часот) во салата во СРЦ „Кале“, додека евентуалната „мајсторка“ би ја играла во вторник повторно на домашен терен во „Јане Сандански“, до што се надеваме дека нема да дојде.