ТФТ искусно „архивиран“ за десетто по ред плејоф-финале!

Нашите момци десетти пат по ред, а вкупно 16-ти во клупската историја, ќе играат во финалето од домашното првенство, откако вечерва, со втората победа по ред против ТФТ (92-82), овој пат на теренот на противникот, беспрекорно ја минаа полуфиналната плејоф-енигма.

Сино-белите не дозволија уште едно изненадување во СРЦ „Кале“, па со добра напаѓачка игра во најголемиот дел од средбата, а со одлична дефанзива во второто полувреме, дојдоа до посакуваниот триумф и тоа на убедлив начин. Со две идентични серии 11-4 го решивме мечот, со оглед што најнапред дојдовме до првото поопипливо водство (53-47), а потоа и до највисоките плус 14 (76-62), со кои на противникот му покажавме дека е време да се подготвува за летен одмор. До крајот само искусно ја одржавме предноста, до моментот кога со последниот звук на сирената го прославивме влезот во дуелот за титулата.

Бре Ајви со 18 поени, пет скока и седум асистенции и Немања Милошевиќ со 17 поени и седум скока беа првите имиња во нашиот тим. Дамјан Стојановски дополни со 16 (четири тројки), неговиот брат-близнак Војдан со 14 поени, додека Бојан Крстевски средбата ја заврши со девет поени.

Противник на МЗТ Скопје во финалето ќе биде подобриот од задутрешната „мајсторка“ помеѓу Пелистер и Еуро Никел во Битола. Пресметката за шампионскиот трофеј ќе почне в петок во „Јане Сандански“ без разлика кој ќе биде нашиот ривал.