Дејвис единствен ги одигра сите средби, шестмина со двоцифрен просек поени!

Со победата на синоќешното гостување во Битола заврши регуларниот дел од домашното првенство за нашите кошаркари, зад кои се 32 одиграни средби во кои претрпеа само четири порази и тоа од три екипи – Пелистер (двапати), Феникс и ТФТ.
Плејофот го почнуваме в петок против ТФТ (19 часот), а периодот измеѓу е идеален за анализа на учинокот на сино-белите момци на изминатите средби. Погледот кон бројките покажува дека само еден наш кошаркар ги одиграл сите мечеви во Првата лига и во Суперлигата, дека шестмина имаат двоцифрен поентерски просек, а дека двајца доминираа во скок-играта.

Американецот Хуан Дејвис како вистински „Ајронмен“ ги издржа сите предизвици на тренинзите и на натпреварите и не пропушти ниту еден меч со одлични бројки зад своето име. Тој просечно реализираше десет поени, со 4,6 скока, а погодуваше со 62,1-отсто од поле, а со 35 тројки беше веднаш зад најуспешниот во оваа категорија, Дамјан Стојановски, кој погоди 56 шута зад линијата 6,75.

Војдан Стојановски е најефикасниот кошаркар на МЗТ Скопје во домашниот шампионат со 13,1 поени, додека зад него се Роберт Рикиќ со 12,3, Немања Милошевиќ со 12, Д. Стојановски со 11 и Бре Ајви со 10,4 поени, а ова двоцифрено друштво го комплетира Дејвис. Рикиќ со 7,3 и Милошевиќ со 7,2 се најдобрите скокачи во нашиот тим, Кристијан Николов со 3,7 асистенции е најдобар додавач, додека Ајви е најдобар „крадливец“ со 2,2 украдени топки.

Целиот тим во домашниот шампионат просечно постигнуваше 87,2 поени со 36,6 скока и 19,9 асистенции, додека за два поени шутиравме со 58,5-отсто, за тројка имавме 35,1-отстотна успешност додека погодувавме две од секои три слободни фрлања.