Денот од кога не сме исти – 10 години по ред финалисти!

Сезоната 2010/2011 изобилуваше со голем број на дерби-мечеви со Работнички – тогаш за првпат се играше во „Борис Трајковски“ каде што беше 1-1, потоа Купот се играше таму каде што за малку ни избега трофејот, а и во полуфиналето на првенството пак се погоди да играме едни против други. Целата година беше екстремно турбулентна на играчки, но и на навивачки план бидејќи немаше ден, а да не се случи нешто ново кое го засегаше буквално цел Аеродром.

Како дел од тогашната група, имав можност да ги следам работите од “прв ред”, но не класично воајерски со пуканки и кока-кола туку повеќе од аспект на учесник. Затоа и веројатно имам запаметено голем број на детали и ситници од целата година, ама сепак мислам дека тој петти дуел во полуфиналето некако ми остави најсилен впечаток, како емотивно така и физички.

Таа серија почна лошо за нас, а како и да почне кога го имавме веќе третиот тренер за таа сезона, а уште беше март. Играчкиот кадар ни беше солиден, ама некако ни фалеше можеби еден јак странец на кого сите ќе може да се потпрат. Подоцна, тоа до некаде беше Дарнел Линдзи, ама пак се гледаше дека на екипата и недостасуваше лидерство. Нешто, што на пример на спротивната црвено-бела страна, го имаше во изобилство. Било како било, бевме веќе на 0-2 и речиси отпишани, но со натпревар дома каде што намаливме на 1-2. Потоа се отиде во „Парк“ на сѐ или ништо. Таму беше доста тврдо и тешко, тоа е можеби и најголемата бројност на ФА во Градски Парк откако беше скратена трибината. На место за 200 луѓе имаше сигурно 350, ако не и повеќе. Серијата се врати во Аеродром и веќе сите нѐ видоа во финалето со пресврт 3-2.

Добро памтам дека имаше невидена атмосфера во населбата уште кога израмнивме на 2-2. Се почна со организација за кореографијата, која беше идеја од порано, ама се чекаше некој таков момент за да се извади. Во три дена требаше сето тоа да се изведе па немавме многу време за маневар. Се соши платното, се нацрта скицата и се испланира сѐ точно како ќе изгледа. Знаевме дека ќе има премногу народ и дека нема сите да учествуваат па затоа и само централно се постави цртежот, од околу плави картони, а долу паролата. Првата вечер само се скицираше, а втората вечер се боеше и испадна втората вечер да биде баш пред натпреварот. Таа кореографија цела ја обои ХАРД и си додаваше така некои свои елементи кои му беа по атер, никој секако не беше против. Буквално цела сала мирисаше на спреј и право чудо е како успеа да се нормализира воздухот за натпреварот да се одигра. Сите тренинзи дента на другите екипи (женски, младински итн) беа откажани бидејќи се луфтираше од Алиса.

Дерби како дерби, па уште одлучувачко со себе носи голем број на луѓе. Мислам дека имаше повеќе од 2.000 луѓе во салата, ако не и повеќе и беа екстремно тешки услови за играње. Од почетокот се мачевме и не ни одеше, а Работнички на искуство успеа да нѐ добие и полесно од очекувањата. Како и што може да се види од видеата луѓето беа разочарани, ама не сакаше никој да попушти и се отпеа се максимално коректно до крај. Памтам дека плачеше можеби цел прв ред со сѐ луѓето качени на шипки, некој повеќе некој помалку, ама емоциите беа пресилни за да можеме туку-така да поминеме преку тоа. На играчите никој не им забележи, сите си беа испочитувани и заслужено добија респект иако не успеавме во походот кон финалето. Чудото беше најавено, ама не се случи тогаш туку се случи година дена подоцна, а и подоцна и подоцна.

Ова не беа моите први чекори, тие беа далеку пред тоа. Ама сигурно биле нечии први чекори на МЗТ кој од тогаш па сѐ до денес 10 сезони по ред игра во финалето. Фактички тоа беше последното загубено полуфинале и иако некој смета дека нашиот успех во плејоф завршниците започнува од 2012, јас мислам дека иако со пораз тогаш се исчеличија многу луѓе и генерално Аеродром како населба успеа да се издигне над ситуацијата без разлика на еден од погорчливите порази во историјата.