Сутјеска подобро се снајде во финишот и ни го нанесе вториот пораз во АБА2!

Нашата серијата од пет победи по ред во АБА2-лигата беше прекината на денешната пресметка на стартот од турнирот во Бања Лука, откако во драматичен и до крај неизвесен меч загубивме од Сутјеска со 55-56.

Противникот подобро се снајде во последните триесетина секунди, во кои нашите момци влегоа со 55-51, но не ги спречија петте поени по ред со шутеви од тешки позиции на Јован Војиновиќ, помеѓу кои не реализиравме две слободни фрлања. Претходно имавме и предност од шест поени (53-47), но тоа не беше доволно за да се радуваме шести пат по ред. Тоа беше тврд натпревар, со неколку пресврти во кој пресудни беа поголемиот број загубени топки (21-11) и десетте промашени удари за еден поени (13/23), поради што не беше капитализирана огромната доминација во скокот (46-29).

Немања Милошевиќ со 15 поени и осум скока беше најпрецизен во нашиот тим, додека двоцифрен беше и Адем Мекиќ со 11 поени.

И покрај денешниот исход, остануваме втори на табелата со скор 6-2, пред задутрешната пресметка со Војводина (21 часот).