Нова драма во Бања Лука – овој пат со победнички епилог за МЗТ Скопје!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа до седмата победа во деветиот меч сезонава во АБА2, откако вечерва на турнирот во Бања Лука ја совладаа Подгорица (76-75) со драматичен меч со инфаркт-завршница во која јунак беше Адем Мекиќ.

Нашиот репрезентативец го постигна победничкиот кош на една секунда до крајот, по две промашени слободни фрлања на противникот, кои како да беа враќање на долгот по несреќниот пораз во добиен меч пред два дена против Сутјеска. Вечерва повторно наидовме на цврст противник, кој се бореше машки и кој го диктираше темпото, особено во второто полувреме, но во ниту еден момент не се предадовме и тоа ни донесе успех.

Факт е дека грешевме, но позначајно е што избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ до крајот веруваа во себе и се „тепаа“ со ривалот, што на крајот беше наградено со значајна победа. Немања Милошевиќ со 15 поени и 10 скока и Војдан Стојановски со 14 поени беа најпрецизни кај македонскиот шампион, додека двоцифрен ефект остварија уште и јунакот Мекиќ и Роберт Рикиќ со по 10 поени.
Со овој триумф, МЗТ Скопје Аеродром останува осамен на втората позиција на табелата со скор 7-2, во пресрет на последниот меч на турнирот во Бања Лука, кој ќе го одиграме в сабота против Војводина.