Радуловиќ: Со добра одбрана и со верба во себе до победа над Сутјеска!

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром попладнево, против Сутјеска (15 часот), ќе го одигра осмиот дуел сезонава во АБА2, а прв на турнирот што вчера почна во Бања Лука, во кој ќе ја брка седмата победа, со која би го продолжила атакот на самиот врв од табелата.

Противникот воопшто не е наивен, има многу искусни кошаркари, поради што тренерот Дарко Радуловиќ посакува максимална ангажираност од своите избраници и игра со голема самодоверба.

„Сутјеска е исклучително цврста екипа, која негува стил на игра карактеристичен на Партизан од времето кога тренер на оваа екипа беше Душко Вујошевиќ. Ќе мора да бидеме максимално енергични во одбраната, да ја сопреме нивната игра под кошот и да ги наттрчаме. Во мечот мора да влеземе мотивирани и решителни, со голема самодоверба и само така ќе може да дојдеме до посакуваната цел, а тоа секако е победа“, вели предводникот на аеродромци.

На средбата против црногорскиот претставник деби во сино-белиот дрес ќе имаат Американецот Морис Кари и капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски, но во тимот, за жал, ќе го нема неговиот брат-близнак, Дамјан. Тој го повреди скочниот зглоб на неодамнешното гостување кај Куманово (70-65), поради што мораше да остане да се опоравува во Скопје, со цел да биде подготвен за завршниот турнир од Купот на Македонија (18-20 февруари).

„Секако дека Дамјан премногу ќе ни недостасува. Но, останатите момци ќе го дадат максимумот, кој се надеваме дека ќе биде доволен за позитивни резултати, не само денеска туку и на останатите две средби во Бања Лука“, дополни популарниот Радуле.

Покрај Сутјеска, на овој турнир силите ќе ги одмериме уште и со Подгорица (среда) и со Војводина (сабота).