Со тројки ја торпедиравме Војводина за перфектни три од три на турнирот во Нови Сад!

Нашите кошаркари со спектакуларна шутерска вечер остварија голема победа во вечершната пресметка против Војводина (89-84) во последниот меч на турнирот во Нови Сад, со која речиси и теоретски обезбедија пласман во плејофот во АБА2 лигата.

Тоа беше возбудлив и до крај неизвесен дуел, имавме фантастично прво полувреме во кое во првиот период со серија 16-2 дојдовме до плус 14 (24-10), додека до пред заминување на одмор во три наврати имавме предност и од 15 поени. Тоа беше канонада на тројки на сино-белите, со оглед што во првите 20 минути постигнавме 11 тројки со само шест промашувања. Во второто полувреме шутот делумно застана, ги промашивме првите 11 удари за три поени, поради што Војводина направи резултатски пресврт и поведе со 73-72. Но, тоа како да ги разбуди нашите шутери, кои потоа врзаа три тројки во низа за ново резултатско одлепување.

Крајот беше максимално возбудлив, а клучни беа трите поени на Седрик Расел на самиот истек на нападот во последната минута за 86-82, откако претходно Марко Баковиќ ја заби топката по офанзивен скок за пресврт по негативата 81-82. Хрватскиот кошаркар беше реализатор и на победничкиот кош на 13 секунди до крајот, а својот одличен настап го потврди и со прецизно изведено слободно фрлања пред самиот крај на пресметката. Баковиќ беше јунакот во нашиот табор со оглед што средбата ја заврши со 17 поени со 4/4 за тројка и со само едно промашување од поле, додека Ејасу Ворку и Војдан Стојановски дополнија со 13 поени.

МЗТ Скопје зад себе има перфектен турнир со три победи во низа за скор 7-3 и делба на третата позиција на табелата заедно со Војводина и Широки, додека пред нас се Златибор и Спартак Суботица со по една победа повеќе. Последните три меча од регуларниот дел од сезоната ќе ги одиграме кон средината на следниот месец и тоа во босанскиот град Широки.