Со НБА-игра и „милион“ забивања дојдовме на чекор до деветтата титула!

Кошаркарите на Пелистер ја почувствуваа моќта на Аеродром, каде што беа сведоци на пекол од трибините и „газење“ на теренот, што на крајот резултира со убедлив триумф на МЗТ Скопје Аеродром (86-62) во третиот меч од плејоф-финалето за водство со 2-1, во серија што се игра до три победи.

Делумна неизвесност траеше само до средината на првиот период, по што нашите момци со серија 15-3 дојдоа до плус 11 (30-19) со што најавија каков меч имаат во план да одиграат. Потоа, дојде ново плаво-бело цунами со 36-9, за највисоки на мечот плус 36 (66-30), што значеше ерупција на трибините.

Тоа беше НБА-период на избраниците на Александар Петровиќ, со оглед што имаа речиси десетина атрактивни забивања, со кои не ѝ дозволија на публиката барем малку да одмори, туку мораше постојано да вика и аплаудира. Сето останато до крајот беше само рутина.

Немања Милошевиќ со 23 поени и седум скока беше најпрецизен во нашиот тим, додека зад него беа Војдан Стојановски и Хуан Дејвис со по 14 поени заедно со пет асистенции односно шест скока.

Овој триумф ни донесе меч-топка на следниот меч, кој е закажан за в петок во Битола, кога ќе ја имаме првата шанса за освојување на деветтата шампионска титула.