Пропуштена првата шанса за „брејк“ во Битола!

Првата шанса за „брејк“ е пропуштена, откако нашите момци не успеаја да излезат како победници од епската драма со едно продолжение на вечерашното гостување кај Пелистер (79-82), во вториот финален меч од плејоф-серијата што се игра до три победи.

Тоа беше гладијаторска битка не само за секоја топка, туку и за секоја педа од теренот во буквално секоја акција. Сино-белите дадоа сѐ од себе, брзо ја надополнија негативата од првото полувреме (31-39) и со серија 16-5 дојдоа до првото водство (47-44), но на крајот немаа среќа. Бре Ајви имаше шут за победа од чиста „двојка“ во регуларниот дел, кој, за жал го промаши, исто како и Немања Милошевиќ по него со удар за три поени. Шанса за победа имавме и на крајот од екстра-периодот, но ударот на Војдан Стојановски за тројка заврши само во обрачот.

В. Стојановски со 16 поени и Ајви со 14 поени беа најпрецизни во нашиот тим, додека Роберт Рикиќ постигна 11 поени. Двоцифрен ефект имаа уште и Дамјан Стојановски и Немања Милошевиќ со по 10 поени, со тоа што црногорскиот интернационалец имаше и 12 скокови, а мора да се напомене и одличната партија на двете страни на Хуан Дејвис, зад чие име останаа запишани по осум поени и скокови. Мечот го одигравме без повредениот Адем Мекиќ.

Ова, секако, нема да ги демотивира избраниците на тренерот Александар Петровиќ, напротив, ќе им даде дополнителна мотивација во вторник да дадат сѐ од себе и повторно да поведат во битката за деветтата титула во клупската историја. Средбата се игра во „Јане Сандански“ со почеток во 19 часот.