Битола освоена од втора, МЗТ деветти пат е шампион!

Тоа што не го направивме пред пет дена, кога загубивме по едно продолжение, го исправивме вечерва, откако со победа на гостувањето во Битола направивме „брејк“ во серијата со Пелистер (102-93), кој воедно значеше и 3-1 во победи и одбрана на шампионскиот трон.

Ова е деветта титула за нашиот клуб во историјата, со што ја продолживме доминацијата во македонската кошарка, со оглед што сите се освоени во последните 11 години (една сезона немаше победник). Ова беше фантастична офанзивна вечер на кошаркарите од Аеродром, кои како да не знаеја да промашат, во што предничеше Немања Милошевиќ, кој само во првото полувреме постигна 22 поени. По изедначеното прво полувреме, одличниот старт на второто (7-1) ни ја донесе првата двоцифрена предност (63-52), како најава на крајниот епилог. Точка на вечерта, пак, стави Дамјан Стојановски со тројка за 95-80 кон средината на последниот период, со што покажа дека сме дојдени да победиме.

Милошевиќ, очекувано, заврши како најефикасен кај МЗТ Скопје со 31 поен и пет скока, додека зад него беа Војдан Стојановски со 17 поени и шест асистенции и Роберт Рикиќ со 17 поени и седум скока. Хуан Дејвис додаде 12 скока, додека Д. Стојановски и Ајви запишаа по 11 поени.

Со овој трофеј го продолжуваме искачувањето на вечната листа најуспешни во македонската кошарка, на која сме на второто место.