Со гранитна одбрана до значајна победа во Гостивар!

Со гранитна одбрана и ептен паметна игра во нападот, нашите кошаркари без никакви проблеми дојдоа до посакуваниот триумф на вечерашното гостување кај секогаш незгодниот Гостивар (77-68). Серијата 14-0 кон крајот на првото полувреме ни го донесе првото поопипливо водство (44-30), кое потоа го „поткренавме“ на највисоки плус 17 (57-40) со што ги урнавме надежите на противникот за изненадување и ја зацементиравме победата.

Роберт Рикиќ и Немања Милошевиќ беа најпрецизни во нашиот тим со по 18 поени, на кои додадоа шест односно 11 скока. Војдан Стојановски беше веднаш зад нив со 14 поени и седум асистенции, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште Адем Мекиќ и Дамјан Стојановски со по 11 поени.

Ова беше последна контрола за плаво-белата чета пред последниот турнир од НЛБ АБА2 лигата, кој ќе се одигра во Широки Бријег (21-27 март), на кој нашите кошаркари ќе ги одмерат силите против Борац Бања Лука (22 март), Широки (25 март) и против Златибор (27 март).