Ептен лесна победа над Ангели – шеста по ред во Првата лига!

Лесен и убедлив триумф за сино-белата чета во денешниот дуел против Ангели (96-70), за шеста победа по ред во Првата лига. Разликата во класи помеѓу двата тима беше огромна, поради што тренерот Петровиќ рамномерно ја распореди минутажата кај сите кои му беа на располагање.

Хуан Дејвис беше првото име во нашиот тим со дабл-дабл ефект со 19 поени и 10 скока, додека двоцифрен ефект имаат уште и Роберт Рикиќ со 17 поени, Војдан Стојановски, Немања Милошевиќ и Адем Мекиќ, сите со по 13 поени. Значајни минути добија тинејџерите Димитар Иванов, Марко Спасовски (двајцата родени 2003) и 15-годишниот Бојан Величковски, кој беше стартер и кој ги постигна последните два поени за нашиот тим.

МЗТ Скопје Аеродром останува втор на табелата со скор 15-3, во пресрет на дуелот со Гостивар и тоа веќе в среда (16 март) на теренот на противникот.