МЗТ Скопје – мојот живот, моето детство, првата радост и тага!

Пораснав во „плавите“, каде што МЗТ Скопје е секојдневна приказна на генерации и генерации наназад. Уште во моето „сефте“ излегување на маалскиот кош, со првото уфрлање на топката низ обрачот, сфатив што е МЗТ и колку многу им значи тој поим на моите постари батковци. Еден од моите први натпревари на кој се сеќавам и денеска е дуелот против Торус во 2011 година. Тогаш, за првпат, го убедив мојот постар брат да ме земе со него на трибина.

Оттогаш, гледам да не пропуштам натпревар на мојот МЗТ, а за тоа се заслужни Вепар, Нинџа, Зоки и останати мои постари другари од маало, кои секој натпревар ме носеа со нив и ме запознаа со навивачкиот живот и навивачката групата „Фемили Аеродром“. Од таа 2011-та па до денеска, МЗТ Скопје мојата животна опсесија. Имав среќа да сум од таа генерација кога МЗТ е убедливо најдобар во нашата земја и за разлика од претходните генерации, јас и моите врсници се изнагледавме и изнарадувавме на трофеи.

Се родив со можност да го гледам МЗТ во Еврокупот и АБА 1 и се надевам дека ќе дојде денот повторно да го следам мојот тим во едни од најдобрите натпреварувања во Европа. МЗТ Скопје е срцето и душата на АЕРОДРОМ, причината поради која владее другарството и сплотеноста во мојата населба. Денеска сум кошаркарски тренер и сонувам за трофеј со сениорскиот тим на МЗТ Скопје, како еден од моите другари од „плавите“.

МЗТ Скопје е мојот живот, моето детство и моите прва радост и тага.