Со двоцифрена разлика го освоивме Гостивар!

И претпоследната суперлигашка пречка успешно ја минавме, овој пат на гости кај секогаш незгодниот Гостивар (85-72), кој овој пат, поради казна, немаше поддршка од навивачите односно се играше пред празни трибини.
Ова беше осми триумф во низа за сино-белите момци, со кој му наметнавме притисок на Пелистер, единствениот ривал за првата стартна позиција пред плејофот, кој сега мора да победи утре кај Еуро Никел ако сака да остане во игра во борбата за врвот од табелата. Нашите кошаркари вечерва одиграа искусно и паметно, од почетокот го наметнаа својот ритам и со водство во најголем дел од средбата заслужено дојдоа до драгоцените бодови.
Роберт Рикиќ и Војдан Стојановски беа лидери на аеродромската чета со по 16 поени, на кои хрватскиот центар додаде и десет скокови. Кристијан Николов средбата ја заврши со 15 поени, Дамјан Стојановски додаде 13 поени, а Бре Ајви имаше 10 поени.
Наш последен ривал од суперлигашкиот дел од првенството е тимот на Пелистер, кај кого гостуваме в недела (18.30 часот), а утре вечер ќе знаеме дали оваа пресметка ќе има резултатско значење или предвреме ќе ја имаме осигурано позицијата број еден пред доигрувањето за титула.