На коло до крајот веќе се знае – МЗТ како прв ќе влезе во плејофот!

Кошаркарите на МЗТ Скопје од првата стартна позиција ќе влезат во доигрувањето за титула, откако стана јасно дека неделното гостување во Битола нема да има резултатско значење по синоќешниот пораз на најголемиот ривал Пелистер кај Еуро Никел.
Нашите момци на коло до крајот на суперлигашкиот дел се лидери на табелата и тоа со учинок 27-4, односно со две победи повеќе во однос на битолчани, поради што задутрешната меѓусебна пресметка ќе биде само за престиж. Тоа, секако, нема да ја намали желбата за успех на оваа средба, иако тренерот Александар Петровиќ и неговите избраници со мислите веќе ќе бидат во плејофот.
Неделното последно коло ќе го даде и одговорот за тоа кој ќе ни биде противник во полуфиналето од разигрувањето за шампионскиот трофеј. Тоа ќе биде победникот од пресметката помеѓу ТФТ и Гостивар, со оглед што Еуро Никел веќе го обезбеди третото место без разлика на епилогот од последниот дуел дома против Феникс, во кој секако влегува како голем фаворит.
Мора да се нагласи дека првото место на табелата по регуларниот дел од сезоната ни носи предност на домашен терен во евентуалната „мајсторка“ во полуфиналето и во евентуалното финале, секако ако во некоја од овие две серии дојде до потреба за такво нешто.