Со агресивна одбрана до лесна првомајска победа над Гостивар!

Првомајска рутинска победа за нашите кошаркари во вечерашниот празничен дуел против Гостивар (78-55) во меч од 4. коло од Суперлигата, со која го продолжуваме притисокот кон самиот врв од табелата пред плејофот.

Мечот беше рамноправен само во воведните две-три минути, по што сино-белите со серија 16-6 дојдоа до првата двоцифрена предност (22-12), како најава на крајниот епилог. Дефанзивата беше нашето најсилно оружје, агресивноста на ептен завидно ниво и тоа ни го донесе лесните два бода. На крајот од третиот период направивме нова серија 12-2 за плус 20 (52-32), што беше знак дека сите дилеми околу победникот се решени.

Бре Ајви со 14 поени беше најпрецизен во нашиот тим, Војдан Стојановски додаде 13 поени, а Роберт Рикиќ имаше 11 поени со девет скока. Двоцифрен ефект имаше уште и Дамјан Стојановски со 10 поени.

МЗТ Скопје Аеродром останува сигурно втор со скор 22-4, односно со една победа помалку од Пелистер, во пресрет на долго очекуваната прва суперлигашка меѓусебна пресметка, закажана за в четврток во „Јане Сандански“.