Пелистер убедливо совладан во „Јане Сандански“

Убедлива победа над најголемиот конкурент за титулата, екипата на Пелистер (95-76) во вечерашниот дерби-меч од 5. коло од Суперлигата, одигран во салата „Јане Сандански“. Нашиот тим функционираше како швајцарски часовник, секој кошаркар одлично ја одигра својата улога, а тренерот Александар Петровиќ маестрално диригираше од клупата.

Доказ за тоа е фактот што мечот беше изедначен само во првите три минути, по што со осум поени во низа дојдовме до 15-7 и го најавивме крајниот епилог. Како одминуваше средбата, растеше нашата предност, за потоа, во финишот од втората и стартот од третата четвртина со серија 14-2 да дојдеме до огромни плус 21 (58-37), со што ги урнавме сите надежи на гостите дека би можеле повторно да нѐ изненадат во Аеродром.

Немања Милошевиќ со 17 поени и девет скока и Хуан Дејвис со 16 поени и пет скока беа првите имиња во нашиот тим. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште Роберт Рикиќ со 13 и Дамјан Стојановски со 12 поени, додека за одбележување е и настапот на Војдан Стојановски со осум поени и исто толку асистенции.

Со овој триумф се изедначивме со Пелистер на врвот од суперлигашката табела со учинок 23-4, што најавува ептен возбудливи (по)следни пет кола и решавачки дуел во Битола, каде што речиси сигурно ќе се решава кој ќе го има стартниот број еден во плејофот.