Со 18 тројки го торпедиравме ТФТ за 16-то финале во Купот!

Блескавата партија на сите што се појавија на паркетот во салата „Кале“ ни донесе лесна и убедлива победа во дуелот со ТФТ (102-61), како своевиден реванш за ланскиот изненадувачки пораз во големото финале од Купот на Македонија.

Нашите момци покажаа моќ, беа недостижни за противникот, а крајниот епилог можеше да се наслути уште во првата четвртина, во која на крајот дојдовме до првата двоцифрена предност (28-18). Потоа во секој следен период пробивавме нова граница, за на крајот позитивата да се искачи и до повеќе од 40 поени, како потврда за огромната разлика во квалитет помеѓу двата тима.

Избраниците на тренерот Драган Николиќ беа снајперски расположени, за што говорат и дури 18 постигнати тројки и тоа со со фантастичен процент (60-отсто). Ако на ова се додадат и драстично поголемиот број асистенции (29-10) и помалку загубени топки (8-21) тогаш е јасно зошто средбата заврши со толку голема разлика.

Дамјан Стојановски беше прво име кај МЗТ Скопје Аеродром со 18 поени до кои дојде со пет тројки со само две промашувања, додека зад него беше резервистот Дамјан Робев со 16 поени (4/7 за три поени). Расположен за шут од далечина беше и Војдан Стојановски со четири тројки со едно промашување за вкупно 13 поени, додека за одбележување е настапот и на Дастин Вер со седум поени и дури 12 асистенции. Свој придонес дадоа и младите Андреј Андоновски со пет поени и две атрактивни забивања, Бојан Величковски со една тројка и дарио Митевски си еден поен.

Противник на составот од Аеродром во утрешното финале од 19.30 часот ќе биде победникот од второто вечерашно полуфинале помеѓу Феник и Пелистер.