Рутинска победа над Кожув за 25. полуфинале во Купот на Македонија!

Без никакви проблеми нашите кошаркари, денеска точно на пладне, лесно и убедливо го совладаа Кожув (80-68) во првото четвртфинале од Купот на Македонија за трофејот „Благоја Георгиевски-Буштур“, чија завршница од денеска до сабота се игра во СРЦ „Кале“.

Победникот беше познат уште од самиот почеток, со оглед на разликата во квалитет помеѓу двата тима кои од првата односно осмата позиција на првенствената табела влегоа на завршниот турнир, а потврдата на терен дојде уште во првата четвртина. Нашите момци брзо дојдоа до двоцифрена предност (23-13), која потоа ја зголемуваа и одржуваа, со цел во ниту еден момент да не им биде загрозен триумфот.

Најзаслужен за вака лесната победа беше американецот Дастин Вер, кој имаше свое шоу во првото полувреме, во кое постигна 17 поени (четири тројки) без ниту едно промашување. Тренерот на сино-белите, Драган Николиќ, калкулираше со минутажата на стартерите, со оглед што се игра секој ден, а целта на неговиот тим е да се дојде до самиот крај и да се освои трофејот. Поради тоа, нашиот најдобар во последно време, Кеандре Кук, беше на трибините како прекуброен странец, со цел да биде одморен за клучните два дуели.

Вер мечот го заврши со 19 поени и 11 асистенции, додека зад него во сино-белиот тим беа Дамјан Стојановски со 19 и Страхиња Миќовиќ со 16 поени, а повеќе од солиден беше и Дамјан Робев со девет поени и пет скока.

Противник на МЗТ Скопје Аеродром во утрешното полуфинале ќе биде победникот од најинтересниот четвртфинален дуел помеѓу ТФТ и Работнички, во меч кој почнува од 17 часот.