Сино-белите викендов ќе настапат на „Земун куп“ во Белград!

Кошаркарите на МЗТ Скопје претстојниот викенд ќе ја продолжат серијата контролни средби во пресрет на новата сезона и тоа со настап на „Земун купот“, кој на 16 и 17 септември ќе се одржи во Белград.

Покрај сино-белата чета и организаторот Младост Земун, на овој собир ќе настапат уште и српскиот прволигаш Вршац и босанскиот тим Борац Бања Лука. Токму овој добро познат ривал од АБА2 ќе ни биде ривал во петочното полуфинале, кое ќе го одиграме со почеток од 20 часот. Во зависност од исходот на пресметката против составот од БиХ, в сабота ќе се појавиме во големото финале или во борбата за 3. место.

Нашите момци утре заминуваат за српската престолнина, а тренерот Александар Петровиќ нема да може да смета на повредените Адем Мекиќ и Андреј Андоноски, како и на Американецот Бре Ајви, кој викендов ќе допатува во Скопје и од понеделник ќе почне да тренира со останатиот дел од екипата.

Натпреварите ќе се играат во СЦ „Мастер“ во Белград, а најавени се преноси од сите натпревари на регионалната телевизија „Арена спорт“.