Шеста убедлива „домашна“ победа по ред – падна и Еуро Никел!

Шеста лесна и убедлива победа по ред за сино-белите кошаркари во македонската Прва лига, овој пат во пресметката на домашен терен против некогаш големиот ривал за титули, тимот на Еуро Никел (77-51).

Противникот пружи посилен отпор само во првата четвртина, по што следеа пеколни 20 минути на избраниците на тренерот Александар Петровиќ, кои ги добија со 41-22, што беше доволно за обезбедување убедлива „зимница“ за мирна игра во последниот период. Одбраната беше гранитна, а во нападот одигравме колку што требаше, без да ризикуваме преголем замор кај носителите на играта.

Самет Јигитоглу беше првото име во нашиот состав остварувајќи дабл-дабл ефект со 16 поени (7/8 од поле) и 13 скока, додека најефикасен беше Дамјан Робев со 17 поени. Двоцифрен учинок остварија уште и Војдан Стојановски со 11 поени и четири асистенции и Дамјан Стојановски со 10 поени. Шанса за настап добија сите десет кошаркари кои се најдоа во ростерот за оваа пресметка.

Со овој триумф одново се искачивме на врвот од прволигашката табела со скор 7-1, колку што имаат и Гостивар и Пелистер, но со подобра кош-разлика во однос на ривалите. Победата над Еуро Никел воедно е и одлично загревање за исклучително важниот меч што нѐ чека в сабота, кога ќе го пречекаме Борац Чачак (16 часот) во дерби-дуел во борбата за опстанок во АБА-лигата.