Пораз на домашен терен од Борац Чачак!

Натпреварите што мора да се победат секогаш се најтешки за играње, што се виде и попладнево во пресметката со Борац Чачак, која по голема борба заврши со триумф на гостинската екипа (73-81).

Противникот имаше шутерски ден, погоди дури осум тројки во првото полувреме во кое ја обезбеди клучната предност (50-35). Во продолжението заигравме подобро, во третиот период ја преполовивме негативата, а на стартот од последната четвртина дојдовме и до минус два (62-64), но за жал немавме сили да го направиме клучниот исчекор кон пресврт.

Страхиња Миќовиќ со 14 и Дамјан Стојановски со 13 поени беа најпрецизни во сино-белиот табор, додека Војдан Стојановски дополни со 11 поени, шест скока и четири асистенции.

Ова не значи ништо во делот на решеноста да се избори останување во АБА-лигата, туку само ни ја зголеми мотивираноста да се тренира уште подобро и со дополнителни засилувања на ростерот да се дојде до посакуваната цел. Наш следен јадрански противник е Задар, кому му гостуваме в петок, додека задутре (понеделник) ќе ги одмериме силите со Кожув во Гевгелија.