Голема победа над Мега – втора сезонава во АБА!

Момците во плаво-бело го издржаа притисокот, го оставија срцето на терен и на крајот заслужено, заедно со навивачите, ја прославија значајната победа над Мега МИС (94-82), втора сезонава во АБА-лигата.

Тоа беше рововска борба, во која младиот и полетен противник се обиде не победи со трчање и агресивност, но наиде на идентичен одговор. Серијата 11-2 во вториот период ни ја донесе првата поопиплива предност (38-33), а одличниот старт на второто полувреме веќе не „качи“ на 49-40 како најава на крајниот епилог. Точка на средбата ставивме со тројките на Мајк Кефи и Дамјан Стојановски и кошот по офанзивен скок на Страхиња Миќовиќ со кои дојдовме до огромни 90-73, кои се покажаа недостижни за гостинот од Белград.

Одигравме ептен тимски и колективно, за што говори и фактот што дури седум кошаркари на крајот имаа двоцифрен поентерски ефект. Бре Ајви со 15 поени, четири скока и шест асистенции беше лидер, Кафи постигна 14 поени со осум асистенции, Војдан Стојановски 12 поени, Александар Бурсаќ и Д. Стојановски дополнија со по 11, а Миќовиќ и Бојан Крстевски со по 10 поени.

Наш следен јадрански ривал е Игокеа на која ѝ гостуваме следната недела, а веќе задутре имаме обврска во домашната Прва лига и тоа против Чаир 2030, меч кој исто така ќе го одиграме пред нашите навивачи.