„Шампионскиот менталитет и аеродромскиот инает ни го донесоа куп-трофејот!“

Васко Атанасов за само девет месеци како прв тренер на МЗТ Скопје комплетира хет-трик со трофеите во македонската кошарка, откако по шампионската титула и пехарот во Супер купот синоќа со триумфот над Пелистер среде Битола дојде и до златното одличје во Купот на Македонија.

Тој по средбата точно знаеше зошто и како неговите избраници им донесоа радост на нашите фанови.

„Пресуди шампионскиот менталитет на МЗТ. Колку и да играме лошо, на површина излезе нашиот аеродромски инает. Оваа победа ја посветувам на навивачите и им благодарам што дојдоа да нѐ бодрат. Игравме во грч, но и без Војдан Стојановски што им даде можност на некои други кошаркари да бидат херои. Робев по вторпат е факторот за победа во Битола бидејќи блесна и лани во финалето од плејофот и мене ми е многу мило за тоа“, изјави Атанасов.

Ова беше 12-ти трофеј во Купот на Македонија за нашиот тим.