Седма победа во низа во дуелите против Еуро Никел!

Нашите момци остануваат нерешлива енигма за екипата на Еуро Никел (79-63), откако вечерва, на домашен терен во меч од 2. коло од Суперлигата, со далеку подобра игра во второто полувреме (44-30), дојдовме до седмата победа во низа во дуелот со големиот ривал од Кавадарци.

Клучниот чекор кон бодовите го направивме во третиот период, кога на изедначувањето на противникот (37-37) одговоривме со серија 16-5 за првото двоцифрено водство (53-42), кое потоа умешно го претворивме во прв суперлигашки триумф.

Роберт Рикиќ со 18 поени и шест скока беше прво име кај МЗТ Скопје Аеродром, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Војдан Стојановски со 14 поени, четири скока и пет асистенции и Дамјан Стојановски со 11 поени и осум скока.

Ова беше јубилејна 20-та победа за нашиот тим сезонава во домашниот шампионат и тоа по 24 одиграни натпревари, со што остануваме на втората позиција со дури пет победи зад третопласираниот Еуро Никел, а две помалку од лидерот Пелистер.

Неделава нѐ чекаат уште два предизвика и тоа против Феникс на „гости“ и против Гостивар како домаќини.