По голема борба и неколку пресврти загубивме на гости кај ТФТ!

Заморот од трите средби во пет дена на завршниот турнир од АБА2, емотивната испразнетост по обезбеденото враќање во јадранската елита и неиграњето на Војдан Стојановски (ситна повреда) се поголемиот дел од причините поради кои нашите момци вечерва, како гости, не успеаја да ја решат енигмата наречена ТФТ (69-73) на стартот од Суперлигата.

Сино-белите доминираа во првото полувреме, но не го спречија налетот на противникот во второто, особено во финишот од третиот и од последниот период, кога ривалот направи серија 13-3 односно 8-3, доволна да ни го нанесе четвртиот неуспех. Адем Мекиќ со 14 поени беше најпрецизен во нашиот тим, додека Дамјан Стојановски додаде 11 поени со седум скока, а Немања Милошевиќ 10 поени со шест скока. Дебитираше Американецот Бре Ајви со шест постигнати поени.

Без разлика на поразот, МЗТ Скопје останува сигурно втор на табелата во Суперлигата со скор 19-4, две победи помалку во однос на лидерот Пелистер и дури четири повеќе во однос на најблискиот конкурент, Еуро Никел. Токму кавадарчани се нашиот следен ривал и тоа в понеделник на домашен терен (18 часот).